Прочка или Велики поклади се менува во зависност од датата на Велигден, и секогаш е точно на 7 недели пред Велигден. Прочка е една од манифестациите на искрената и пожртвуваната љубов кон ближните, кој треба да го следи примерот на Исус Христос за безусловно и безгранично проштевање меѓу луѓето.
Прочка го означува почетокот на велигденскиот пост. Таа е потсетник на духовниот карактер на постот. Целта на празникот е со проштавањето, со покајанието и со чиста душа да се започне велигденскиот пост.
Семејна традиција со амкање јајца
Mакедонската традиција за Прочка е богата и разновидна. На Прочка, според традицијата, помладиот бара прошка од постариот. Синот приоѓа кај таткото, братот кај брата си, ќерка кај мајка си, снаа кај свекрва, сестра кај сестра си и секој секому му вели: "Прости ми“, а тој одговара: "Простено да ти е од мене и од Бога“.
Вечерата завршува со амкање јајца за децата, што претставува детска радост и добро расположение. А вистинската смисла на сето тоа е дека пред постот, на последното јадење, запостуваме и ја затвораме устата со бело јајце и потоа, на Велигден ја отвораме и замрсуваме со црвено јајце. Мрсењето завршува во Белата недела, со бело јајце и пак започнува со јајце, но црвено велигденско, на Велигден.















